You are here

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА КИНЕСКАТА НОВА ГОДИНА

На 19-ти февруари (четврток) 2015 година, со почеток во 18:00  часот, во холот на Националната и универзитетска  библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со пригодна програма го одбележа почетокот на кинеската Нова година. На свечената прослава  присуствуваа  Министерот за надворешни работи на Р.М Никола Попоски, Амбасадорот на Н.Р Кина во Р. Македонија Н.Е. Вен Џеншун, директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ д-р Иван К. Заров, декани и сенатори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, претставници на државните институции, Британскиот совет, Американското катче, Гете институтот,  курсисти, пријатели и љубители на кинеската култура.

Министерот-г.-Никола-Попоски,-д-р-Иван-Заров,-Н.Е-Вен-Џуншун(од-лево-кон-десно)-

Свеченото одбележување започна со обраќањето на проф. д-р Денг Шиџонг, кинескиот директор на Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кој ги поздрави присутните и објави дека „според лунарниот календар годината на коњот го заврши својот забрзан галоп, и ѝ отстапи место на кротката и мирна коза, која според традиционалните верувања носи мир, спокој и благосостојба.“ Проф. д-р Денг истакна дека одличните резултати кои Институтот „Конфуциј“ ги постигна во изминатата година се должат на безрезервната поддршка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и на поддршката од Владата на Р. Македонија, Амбасадата на НР Кина во Македонија, институциите, поединците и целото македонско општество.  Тој на крај искажа надеж дека оваа поддршка ќе продолжи во новата година и Институтот ќе продолжи да напредува и да се развива.

Министерот-г.-Никола-Попоски-и-Н.Е.-Вен-Џуншун-со-наставниците-и-дел-од-учениците-и-студентите-на-Институтот-„Конфуциј“

Пригодната програма беше подготвена и изведена од професорите и   наставниците на Институтот „Конфуциј“ со учество на учениците, студентите и возрасните курсисти кои ги посетуваат часовите по кинески јазик на Институтот . Први настапија најмладите со изведбата на комичната песна за деца „Две тигарчиња“ со маски кои сами ги изработија,  предизвикувајќи смеа и радост кај публиката. Следуваа учениците од О.У. „Св. Кирил и Методиј“ кои со кинескиот знак за коза во рачињата ја испеаја на кинески јазик песната „Среќна Нова година“ и на присутните топло им го честитаа почетокот на Годината на козата.

Кинеската традиција, карактеристичните обичаи и традиционалните уметнички форми публиката имаше можност да ги види и почувствува преку танцот со ладала „Убавото езеро Таиху“  во изведба на средношколците од Меѓународното училиште НОВА и танцот со фенери „Светли фенери со црвена боја“ кој го изведоа група на возрасни курсисти.

„Две-тигарчиња“

Кинеската-песничка-„Среќна-Нова-година“

Танцот-со-ладала-„Убавото-езеро-Таиху“

Танцот-со-фенери-„Светли-фенери-со-црвена-боја“

Своето познавање на кинескиот јазик и култура групата студенти го покажаа со скечот „Роденден“ каде на комичен начин ја претставија симболиката и значењето на различните бои и предмети во современата кинеска култура. Модерната кореографија за традиционалната музичка тема „Љубовниците – пеперутки“ инспирирана од приказната за кинеските Ромео и Јулија и проткаена со калиграфски мотиви која ја изведоа курсистите, ја воодушеви публиката со инвентивниот спој на  традиционалната кинеска музика и модерната македонска уметност.

Модерна-кореографија-за-темата-„Љубовници---пепрутки“

Скеч-„Роденден“

Настапот на членовите на Здружението „Јин-Јанг“ ја заокружи свечената програма со серијата Таи Чи Чуан вежби кои претставуваат физичка манифестација на традиционалните кинески духовни принципи.

Таи-Чи-Чуан

Одбележувањето заврши со заедничко дружење на публиката со изведувачите , при што присутните можеа да вкусат од пелмените кои традиционално се служат на дочекот на кинеската Нова година.

Оваа манифестација ја проследија над 300 гледачи. На крај, треба да се напомене дека најголем дел од медиумите објавија информации за кинеската Нова година, односно за почетокот на Годината на козата и за одбележувањето на овој празник во Македонија.