Submitted by cio on
Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот од 22 до 26 декември 2014 година организираше ревија на кинески филмови со наслов „Недела на кинескиот филм“. Проекциите на филмовите се одржуваа секој ден од 18 ч. во Центарот за конференции и студии на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Филмската ревија започна со прикажување на филмот „Притаен тигар, скриен змеј“на режисерот Анг Ли, добитник на филмската награда „Оскар“ за 2001 г. Пред почетокот на проекцијата на филмот, кинескиот директор на Институтот „Конфуциј“ проф. д-р Денг Шиџонг им се обрати на присутните курсисти и љубители на филмот со краток осврт за развојот на кинеската кинематографија, нејзините уметнички аспекти и влијанието кое кинеската филмска индустрија го има на светскиот филмски пазар.
Во рамките на „Неделата на кинескиот филм“ беа прикажани анимираните филмови „Кунг фу панда“ и „Лотосовиот фенер“, базирани на традиционални кинески бајки, комедијата за група борци од Минг династијата „Мојот личен мачувалец“ и драмата за животниот пат на една сликарка со наслов „Сликање на душата“.
„Неделата на кинескиот филм“ привлече над 500 гледачи кои со особено внимание ги проследија проекциите на филмовите кои се одликува со жанровска, содржинска и уметничка разноврсност. „Неделата на кинескиот филм“ предизвика, исто така, интерес и кај медиумите кои редовно известуваа за филмската програма во рамките на своите телевизиски програми и интернет портали.
Филмска-публика
Обраќање-на-кинескиот-директор-проф.-д-р-Денг-Шиџон