You are here

Донација на 3,000 наслови за Институтот „Конфуциј“ при УКиМ

На 2 мај 2014 година во просториите на Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа свечено доделување на донација од  3,000 учебници, книги, наставни и аудиовизуелни материјали за библиотечниот фонд на Институтот, донирани од Централната управа на Институтитите „Конфуциј“ од НР Кина. Овие изданија, кои ќе бидат дел од референтната библиотека на Институтот, ќе им бидат на располагање на посетителите на курсевите по кинески јазик организирани од Институтот, студентите на УКИМ и сите граѓани кои се заинтересирани за кинескиот јазик и култура.

На оваа свеченост присуствуваа министерот за образование и наука  г-дин Спиро Ристовски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Велимир Стојковски   и кинескиот директор на Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р  Денг Шиџонг. Тие во своите обраќања пред присутните го истакнаа значењето на оваа донација за продлабочувањето на соработката и пријателството помеѓу двете земји и култури.

„Донацијата за Институтот „Конфуциј“ во Македонија е исклучително значајна за секој заинтересиран студент или граѓанин кој сака да го изучува кинескиот јазик. Уверен сум дека ќе има голем интерес, зашто не станува збор само за класични училишни помагала, туку пратката содржи голем број на книги со информации за историјата, културата, религијата и начинот на живот на една од најголемите светски сили“- рече Ристовски. Тој исто така посочи дека од оваа година ќе се започне со редовно испраќање на студенти на летен камп за изучување на кинески јазик во Ченгду, Кина.

Рекоторот на УкиМ, проф. д-р Стојковски, кој е воедно и Директор на Управниот одбор на Институтот „Конфуциј“ при УкиМ посочи дека интересот за изучување на кинескиот јазик е многу поголем од можностите на Институтот да прими курсисти, што е показател дека Институтот и УкиМ не само што се на  прав пат кон подобро запознавање со кинескиот јазик и литература, туку  и кон за размена на стручњаци од областа на лингвистиката помеѓу Македонија и Кина. „Ние имаме заедничко нешто – и кинескиот народ и цивилизација и македонскиот народ и цивилизација се милениумски и се длабоко вткаени во светските цивилизациски придобивки“ на крајот истакна ректорот.

Кинескиот директор проф. д-р Денг Шиџонг ја искористи оваа прилика да се заблагодари за поддршката кое од основањето континуирано ја добива од Министерството за образование и наука, и другите македонски министерства и институции, а особено од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ректорот. Тој вети дека напорно ќе се работи да се зголеми бројот на групи на посетителите на курсеви, во моментов во 5 групи кинескиот јазик го изучуваат над 40 курсисти, како и видот на курсеви, освен за јазик ќе се воведат курсеви за бизнис кинески, култура и други специјализирани области. „ Се надеваме дека со нашите активности во Македонија ќе се равие љубов и интерес за изучување на јазикот, како и за разбирање на кинеската култура. Тоа е целта на оваа донација од над 3,000 книги кои се подарок за граѓаните на Република Македонија.“ - нагласи проф. Денг.

Овој настан беше проследен со големо внимание и од сите позначајни печатени, телевизиски и интернет медиуми во Република Македонија.

Обраќање-на-проф.-д-р-Велимир-Стојковски-претседател-на-Управниот-одбор-на-Институтот-„Конфуциј“-и-ректор-на-УКИМ

Обраќање-на-Спиро-Ристовски-министер-за-образование-и-наука

Делегацијата-предводена-од-министерот-за-образование-и-наука-Спиро-Ристовски-(десно)-ја-посети-кинеската-референтната-библиотека