You are here

Меѓународните студенти амбасадори градат мостови на пријателство помеѓу Кина и Македонија

—УСПЕШНО ПРВО УЧЕСТВО НА ИНСТИТУТОТ „КОНФУЦИЈ“ ПРИ УНИВЕРЗИТЕТОТ „Св. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“  НА  ЛЕТЕН КАМП ВО КИНА

Група од 20 курсисти на Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје заминаа за Ченгду, провинција Сечуан во НР Кина, каде од 21.06 – 12.07. 2014 год. зедоа учество во двонеделниот летен камп организиран од страна на партнер – универзитетот Југозападен универзитет  за финансии и економија (ЈЗУФЕ) од Ченгду.

 На 30 јуни на Лиулин кампусот свечено  започна овогодишниот летен камп со назив  “Discover SWUFE 2014”(Откриј го ЈЗУФЕ 2014).  На свеченоста проректорот Јанг Дан се обрати со своја реч, додека ректорот Џанг Цонгји зеде учество во групниот портерет со учесниците и организаторите на летниот камп. Со оваа свеченост се означи формалното  започнувањето на летниот камп кој има за цел преку различните активности организирани во рамките на кампот да ја зајакне студентската размена помѓу Кина и странските држави, како и да го зацврсти пријателството и меѓукултурната размена.

Можноста за заминување на летен камп во Кина предизвика голем интерес кај курсистите на Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои  веднаш се пријавија да учествуваат со желба да станат меѓународни студентски амабасадори. Во текот на летниот камп учесниците со ентузијазам  учествуваа во сите активности и дадоа се од себе   да  воспостават мостови на пријателство помеѓу Македонија и Кина. Во текот на двонеделниот престој во Кина, курсистите од Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје имаа предавања поврзани со кинеската економија, калиграфија, кинески јазик, кинеско кулинарство, боречки вештини, како и традиционалната кинеска медицина. Тие имаа можност да ги научат основните традиционалните кинески уметнички форми како што се  кинеско сликање, сечење на украсна хартија, таичи   чуан итн. Богатата програма на активности им  овозможи на учесниците драгоцена можност  од прва рака да ја искусат кинеската и сечуанската култура.   Тие имаа можност да посетат  значајни културно историски споменици, но исто така можеа да видат и да пробаат да готват сечуанска храна и да вкусат најразлични сечуански специјалитети. Посебно доживување беше посетата на Истражувачкиот центар каде се одгледуваат пандите и на Џинша археолошкиот локалитет и музеј. Конечно, имаа можност да посетат и повеќе бизниси и да се запознаат со локалната економија. Сите овие посети и нови знаења и вештини кои ги стекнаа им овозможија да се здобијат со интересни искуства, со што се продлабочи нивното разбирање и љубов за кинеската култура и се зголеми нивниот интерес за изучување на кинескиот јазик. 

Во рамките на летниот камп учесниците  имаа можност да присуствуваат на свеченото отворање на  Регионалниот центар на Ханбан  кој ќе работи во рамките на ЈЗУФЕ, со што беа сведоци на уште едно достигнување на партнер -универзитетот во сферата на меѓународното образование. Елена Дамјаноска, секретарот на Институтот „Конфуциј“, која ја предводеше групата македонски курсисти на овој камп се обрати со своја реч и упати честитки во име на Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На 11 јули се одржа завршната вечер со која и формално заврши меѓународниот летен камп „Откриј го ЈЗУФЕ“. Иако две недели е краток период, учесниците од Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје стекнаа богатство на нови сознанија и длабоки и трајни впечатоци за Кина, држава која се одликува со широк спектар на различни и богати култури. Тие се стекнаа со трајни пријателства со професорите и студентите од Југозападниот универзитет за финансии и економија, како  и со локалното население  и затоа  на крајот на сите тешко им падна разделбата. Од сѐ  срце се заблагодарија на ЈЗУФЕ за срдечниот дочек и одличната организација, при што посакаа летниот камп да биде уште поуспешен и  ЈЗУФЕ  да продолжи  понатамошно и долгорочно успешно да се развива. Секој од студентите се изјасни дека по враќањето во Македонија ќе продолжат сериозно да учат кинески јазик со цел следниот пат да дојдат во Кина  на подолг студиски престој.

1. Свечено отворање на летниот камп во организација на Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду


2. Добредојдовте во ЈЗУФЕ


3. Час по кинеска калиграфија и цртање


4. Посета на културно-историски споменици


5. Учиме кинески кунгфу


6. Нашето пријателство во целиот свет